Connect with us

Фудбал

Стативата уште се тресе, уште еден фаворит не успеа да победи на СП во Катар (ВИДЕО)

Фудбалерите на Уругвај и Јужна Кореја ремизираа, 0:0, во првиот натпревар од групата „Х“ на Светското првенство во Катар.

Двете екипи во игра влегоа крајно претпазливо. Така во првите 15 минути не видовме ниту еден удар кон голот. Јужна Кореја најмногу ја имаше топката во свој посед, а Уругвајците организирано се бранеа.

Првиот удар кон голот го упатија Уругвајците во 19. минута. Стоперот Хименез со долга топка го пронајде Валверде, кој одлично го контролираше додавањето, но шутираше високо над гредата.

Три минути подоцна нов добар напад на Уругвајците. Младиот офанзивец Пелистир упати центаршут од десното крило, но напаѓачите Нуњез и Суарез доцнеа да упатат удар.

Најубавата шанса во првото полувреме Корејците ја имаа во 34. минута кога десниот бек Мон-Хван Ким се проби по десната страна, на седум-осум метри од голот на Роше го пронајде непречениот напаѓач Уи-Гјо Хванг, но фудбалерот на Олимпијакос шутираше многу лошо.

Најубавата шанса на натпреварот ја имаа Уругвајците на две минути пред крајот на првото полувреме. Валверде упати одличен центаршут од корнер, а највисок во скокот беше искусниот стопер Годин, со глава ја удри топката, но на топката на патот кон мрежата ја спречи стативата.

Во вториот дел ривалите беа уште попретпазливи и подготвени да прифатат нерешено на премиерниот меч на Мундијалот.

Уругвај имаше иницијатива на теренот, но не и реални можности. Најчесто напаѓаа по левата страна, каде што за него несвојствено беше голгетерот на Ливерпул Дарвин Нуњез, додека Суарез денеска не се прослави.

Во 64. минута тренерот на Уругвај Диего Алонсо го смени Суарез и наместо него во игра ја испрати другата легенда на локалниот фудбал Единсон Кавани.

Сепак, и по влегувањето на Кавани, Нуњез остана централна фигура во уругвајскиот тим. Токму тој во вториот дел го упати единствениот сериозен удар кон голот на Корејците. Се играше 81. минута кога Нуњез доби простор за удар од работ на шеснаесетникот, но не успеа да ја погоди рамката од голот.

Фантастичен удар во 89. минута од далечина упати Валверде, голманот на Јужна Кореја Ким само го гледаше летот на топката, која исто како и во првото полувреме ја погоди стативата.

Вториот натпревар од оваа група се игра од 17 часот и во него се среќаваат селекциите на Португалија и Гана.