Ракомет
Стоилов: Да одиграме најдобро што можеме и да ја одбраниме титулата
Ракометарите на Вардар утре во Келн против Монпеље ја почнуваат решавачката битка за одбрана на титулата во Лигата на шампионите.
Минатата година Вардар беше вистинска сензација и во својот прв настап на Фајнал фор успеа да стигне до титулата и да го постигне најголемиот успех во клупската историјата.
“Ова ни е второ учество на завршниот турнир, сега чувството е сосема поинакво. Претходната година беше малку поинаку, бевме дебитанти, не не сметаа за фаворити, а сега во Келн доаѓаме како шампиони. Цела сезона играме за да стигнеме до завршниот турнир и ќе дадеме се од себе да го повториме успехот од минатата година. Цврста одбрана и лесни голови, тоа е основата на ракометот и ако тоа не го исполниме не може да победиме”, изјави капитенот Стојанче Стоилов.
Прв противник на “црвено црните” е Монпеље, а мечот во Ланксес арената почнува во 18 часот. Во првото полуфинале се соочуваат Пари Сен Жермен и Нант.