Connect with us

Фудбал

Тренерот на Бордо се закани дека ќе си замине поради трансфер зад негов грб

Шефовите на Бордо сериозно го налутија уругвајскиот тренер на тимот, Густаво Појет. Клубот му го продаде својот напаѓач Гаетано Лаборд на Монпелие за три милиони евра зад грбот на Појет, кој е бесен од оваа постапка и сака јавно извинување или во спротивно ќе поднесе оставка.

Бордо синоќа го победи украински Марипол со 2:1 и се пласираше во плеј-офот за Лигата на Европа и ваквиот потег сериозно ќе ги потресе амбициите на „жирондинците“ за пробив во Европа. Дваесет и четири годишниот Лаборд играше во првиот натпревар и постигна два гола за победа од 3:1.

– Ова е мојот најлош ден во Бордо, многу сум вознемирен. Она што го направи раководството на Бордо, е недозволиво. Разговарав со нив за Лаборд. Ми рекоа дека сакаат да го продадат, но им одговорив дека не треба да го прават тоа, се додека не најдеме замена. Тие сепак не купија никого и го продадоа, вели Појет.

Тренерот додаде дека Лаборд веќе бил пријавен за натпреварот, но не се појавил во базата.

– Се потпирав на него, а тој веќе беше во Монпелие да потпише договор. Никој не ми кажа ништо. Ако нема јавно објаснување за оваа одлука, ќе поднесам оставка. Ова е непочитување за мене, навивачите и целиот тим, додаде Уругваецот.