Фудбал
УЕФА со ултиматум до ФК Вардар: Исплата, или нема играње во Европа во следните две години
Европската куќа на фудбалот УЕФА му испрати известување на Фудбалскиот клуб Вардар од Скопје, дека ќе го суспендира и нема да му дозволи во следните две години да игра во европските купови, поради прекршување на финансискиот фер-плеј.
Барањето до ФК Вардар е да ги исплати сите долгови до 31 декември кон сите вработени во клубот. Во спротивно, ќе стапи во сила суспензијата од две години во кои најтрофејниот македонски клуб нема да може да игра во Европа.
Оваа казна доаѓа во мигови кога клубот неофицијално го тресе финансиска криза, и се шпекулира дека играчите веќе неколку месеци не земале плати.
Вардар играше во групната фаза од Лигата на Европа минатата сезона каде што заедно со Реал Сосеидад, Зенит и Розенборг освои само еден бод. Претходно Вардарци го елиминираа турскиот гигант Фенербахче.
Остануваат уште девет дена до исполнување на условите, во спротивно Вардар нема да може да настапува на меѓународна сцена наредните две години. Речиси истиот ултиматум е изречен на уште два тима: Левски Софија и на Спортинг Лисабон.