Ракомет
Вардар го декласира Кристијанштад
Актуелниот европски и македонски шампион Вардар делуваше моќно на вечерашниот дуел со шведски Кристијанштад завршувајќи ја 2017 година со убедлив триумф од 31:15.
Отпорот на Швеѓаните во СЦ „Јане Сандански“ траеше само тринаесетина минути, по што проработи вардаровиот напад, а одбраната вообичаено цврста. На полувреме се отиде со резултат 14:8.
На почетокот на вториот дел домаќините направија серија од 4:0. Кристијанштад првиот погодок во второто полувреме го постигна во 9. минута. Вардар продолжи со атрактивна игра, ефикасен напад, а под водство на Арпад Штербик гостите беа спуштени на само седум голови за едно полувреме.
Штербик средбата ја заврши со 18 одбрани, најефикасен беше Тимур Дибиров со 7 погодоци, Игор Карачиќ даде 5 голови.
Вардар на овој начин ја продолжи серијата од 15 натпревари во ЛШ без пораз.
Идната 2018 година „црвено-црните“ ја дочекуваат на врвот на табелата во А-групата со 18 бода и големи шанси за директен пласман во четвртфиналето од елитното натпреварување.