Connect with us

Други спортови

Верстапен „распали“ по Хамилтон, а тој господски му одговори

Трката за Големата награда на Велика Британија ја одбележа инцидентот на Макс Верстапен и Луис Хамилтон.

Веќе во првиот круг видовме инцидент на патеката со Макс Верстапен и Луис Хамилтон.

Верстапен имаше водство по стартот, а Хамилтон во еден свиок предизвика инцидент што предизвика за возачот на Ред Бул страшна несреќа, но за среќа помина без сериозни повреди.

Во тоа време тие очекуваа дека Хамилтон ќе биде строго казнет затоа што тој беше очигледен виновник, но на крајот доби казна од 10 секунди и многумина веруваат дека тоа беше навистина малку.

Хамилтон успеа да го одработи овој пенал при влегувањето во бокс, но и покрај тоа, актуелниот светски шампион успеа да го престигне Леклерк во самиот финиш на трката и да дојде до победа на „домашен терен“.

Британецот покажа колку му значи оваа победа затоа што ја славеше срдечно по трката, а тоа навистина му пречеше на Верстапен.

„Прво: Драго ми е што сум добро. Тоа беше голем удар со 51G, но се чувствувам подобро. Секако дека сум многу разочаран што ме исфрлија од патеката на тој начин. Казната што ја доби тој не може да ја добие никој од нас на кој било начин и не е фер поради толку опасен потег што го направи Луис“, напиша Верстапен, додавајќи.

„Го гледав како слави по трката додека сè уште бев во болница и тоа е непочитување и неспортско однесување, но ајде да продолжиме понатаму“.

Набргу после тоа, Хамилтон проговори и реагираше многу помирно и му испрати порака на својот најголем ривал во моментов.

„Денес добивме потсетник за тоа колку е опасен овој спорт. Посакувам брзо закрепнување на Макс која е неверојатен натпреварувач. Мило ми е што е добро. Јас секогаш ќе се натпреварувам жестоко, но пред се секогаш фер. Сон е да се победи пред домашна публика“, рече Хамилтон.

Хамилтон сега значително ја намали предноста во однос на Верстапен, бидејќи сега има осум бода помалку од Холанѓанецот.