Други спортови
„Вимблдон“: Дел Потро не даде сет на противникот, следи натпревар со Лопез
Петтиот носител на овогодинешното издание на „Вимблдон“, Хуан Мартин Дел Потро (Аргентина) се пласираше во вториот круг на Гренд-Слем турнирот во Лондон. Полуфиналистот од 2013 година го надигра Петер Гојовчик (Германија) со 6:3, 6:4, 6:3 за речиси два часа игра.
Дел Порто (29) пласира 22 аса, направи четири брејка во натпреварот и ниту еднаш не загуби на свој сервис.
Во вториот круг, Аргентинецот ќе го има за ривал 36-годишниот Лопез, кој е 70-ти на светската АТП листа. Шпанскиот ветеран го победи Федерико Делбонис (Аргентина) со 6:3, 6:4, 6:2 за 90 минути поминати на теренот. Шпанецот подобри денес рекорд на Роџер Федерер (Швајцарија), запишувајќи 66-то по ред учество на турнир од „големата четворка“. Лопез е трикратен четвртфиналист на „Вимблдон“ и оваа година игра во Лондон 17-ти пат по ред во својата кариера.
Во други средби кај мажите од денеска, Раду Албот (Молдавија) го елиминира број 20 во шемата, Пабло Карењо Буста (Шпанија) со 3:6, 6:0, 6:7 (5), 6:2, 6:1 за три часа игра (денес беше доигрувањето на средбата), а Дамир Џумхур (Босна и Херцеговина), 27-ми носител, го победи Максимилијан Мартерер (Германија) со 6:3, 6:2, 6:4.
„Среќниот губитник“ од квалификациите, Бернард Томиќ (Австралија), пак, победи против Хуберт Хуркач (Полска) со 6:4, 6:2, 7:6 (2).
Во следното коло се пласираа и Александар Зверев (Германија), Кеј Нишикори (Јапонија), Ернест Гулбис (Латвија), Јиржи Весели (Полска), Кајл Едмунд (Велика Британија), Диего Шварцман (Аргентина) итн.