Кошарка
Витингтон повторно ќе скока за Македонија
Кошаркарот Шејн Витингтон ќе добие нова шанса да се докаже во дресот на македонската репрезентација откако најверојатно ќе се најде на списокот на Јорданчо Давитков за претстојниот квалификациски натпревар против Косово, закажан за 2 декември.
Центарот на Андора имаше деби за заборав во „црвено – жолтиот“ дрес при поразот на гостувањето во Швајцарија, по што неговото место на стартот од новиот квалификациски циклус го презеде Ричард Хендрикс. Сепак, во пресрет на наредниот меч со Косово донесена е одлука Хендрикс поради семејна причина да добие одмор од националниот тим, а на списокот на Давитков повторно да биде Витингтон.
Македонија моментно е првопласирана на табелата во својата група, по победите над Косово и над Романија, а триумфот во Гевгелија на 2 декември широко ќе ги отвори вратите кон главната квалификациска рунда за Евробаскет 2021 година.