Други спортови
Во финалето на Светското првенство во одбојка за мажи ќе играат Полска и Италија
Во финалето на Светското првенство во одбојка за мажи ќе играат домаќинот Полска и селекцијата на Италија. Европскиот првак Италија вечерва во 22:00 часот БСТ ќе се соочи со Полјаците, откако во второто полуфинале на натпреварувањето што се игра во Катовице, го победи кодомаќинот Словенија со 3-0 (25-21, 25-22, 25-21). Претходно во текот на денот, Полска во спектакуларен натпревар го елиминира Бразил со 3:2 (23:25, 25:18, 25:20, 21:25, 15:12).
Италијанците и Полјаците по три пати го освојуваа Светското првенство, а меѓусебната пресметка ќе биде број 28 во историјата. Селекцијата на Полска има надмоќ со 16 успеси на средбите со Италија. Од 19 часот денеска Словенија и Бразил ќе се борат за бронзените медали.
За Италија, квалификациите за финалето на светското првенство во одбојка за мажи се први по 24 години откако тимот ја освои третата титула во 1998 година.
Најдобар стрелец против Словенија беше Даниеле Лавија со 15 поени, а Клемен Цебул постигна 14 поени за словенечкиот тим.
„Тоа е неверојатно. Искрено не мислев дека ќе го добиеме натпреварот со 3-0 бидејќи Словенија има многу силен тим и јас многу ги почитувам. Многу сум среќен“, прокоментира италијанскиот капитен Симоне Џанели.
Полјаците ќе се обидат да ја освојат третата последователна светска титула по тешката победа над Бразилците, кои не успеаја да стигнат до финалето на шампионатот за прв пат по 20 години.
Бартош Курек ја предводеше Полска со 24 поени, а Рикардо Лукарели заврши со 18 поени за Бразил пред да замине со повреда на крајот од четвртиот сет.
„Екстремно емотивна борба, само вонземјанска. Многу сме возбудени. Ова е највисокото можно ниво, бидејќи на првенството се најдобрите во светот“, изјави полскиот репрезентативец Александар Сливка.