Connect with us

Тајмаут

Збогум „Македонски спорт“ – згаснува последниот спортски весник во Македонија

Ќе остане запаметено. „Македонски Спорт” застанува на бројката 5962! Ниту еден приватен печатен медиум не прослави 20 години

За неколку дена 20 години, за неколку броја 6.000 изданија! Бројките се убави, недопирливи но судбината е сурова и ние застануваме тука. Застануваме денеска! Наместо да си честитаме јубилеи ние еве вака се одјавуваме од Вас драги пријатели. Толку е од „Македонски Спорт”.

Во рацете го држите и читате последниот број на весникот кој беше прв и остана единствен спортски весник во Македонија. Редакцијата го изгуби трпението со многуте проблеми, со денешното време во нашата држава каде за жал не постојат услови за затворање на весник во доцните вечерни часови. Нема спортски весник кој би го затворил своето издание до 17 часот! Такво нешто не постои. Не поминаа и неколкуте експерименти (три изданија во неделата), кои само ја искомпликуваа работата. 

Проблемите се таложеа со денови, месеци, за да и последните „борци” за ваков тип на медиум во државава го кренат белото знаме. Признаваме дека останавме без сили. Тука застануваме!
И по сето ова што го минавме, по речиси 20 години заедно постои грутка на тежина во нашите гради. Не е лесно да се каже ЗБОГУМ!

Израснавме заедно, учевме заедно, се читавме, се радувавме и се критикувавме заедно. Ние, Вие наши читатели и спортистите. Среќни сме на големите успеси но и тажни на поразите. Секогаш бевме со спортистите во добрите и лоши моменти. Понекогаш и грешевме и никогаш не се фалевме дека сме најдобри. Ние само си ја вршевме нашата работа. Работата на спортските новинари. Кога почнавме бевме дел од последните сезони на великаните Дарко Панчев, Петар Наумоски, Пепи Манасков и растевме заедно со Горан Пандев, Перo Антиќ и Кире Лазаров. Со нас почнаа Елиф Елмас, Ненад Димитријевиќ, Филип Талески… Македонија со и без „Македонски Спорт” ќе остане расадник на таленти и производител на врвни спортисти.

„Македонски Спорт”. Од денеска нашите животи продолжуваат без нашиот заштитен знак. Тешко е да се прифати реалноста но секој со свој начин ќе се бори за да му биде подобра иднината. Не жалиме за нити еден работен ден минат во редакцијата, низ стадионите, салите и сите спортски борилишта. Ни беше чест да бидеме сервис на спортот и Ваше секојдневие.

Во овие 20 години во нашата редакција минаа и работеа стотици новинари и дописници. Дел од нив се уште се во оваа професија и во други редакции но има и такви кои беа наши колеги, а сега се во спортот во улогата на тренери, функционери… Голема благодарност до секој оној кој во оваа наша историја имаат свој удел и придонес за постоењето на медиумот кој 20 години беше спортска литература во Македонија. Благодарност и до компаниите и личностите кои имаа доверба во нас и несебично вложуваа и спонзорираа за опстанокот на весникот. Но сето тоа со големо жалење престанува денеска!

Ќе остане запаметено. „Македонски Спорт” застанува на бројката 5962! Ниту еден приватен печатен медиум не прослави 20 години. Пред точно една година згаснаа Вест, Утрински, Дневник, а еве сега истата судбина на ист ден 365 денови подоцна и Ние!

Да напоменеме. Брендот „Македонски Спорт” останува во управувачки пакет на одредена компанија во земјава која можеби некогаш ќе собере сили и ќе го реактивира првиот спортски весник во Македонија.

И тука ќе речеме. Храбро се боревме!

Збогум

Редакција
„Македонски Спорт” (мај 1998 – мај 2018)