Фудбал
Зидан за скандалот со Бензема: Јас сум со него!
Карим Бензема ќе се појави на суд откако обвинителството во Версај го обвини за соучесништво во уцената на неговиот поранешен соиграч Матје Валбуена.
Бензема е осомничен дека бил дел од група која од Валбуени побарала 150.000 евра за да не објави снимки од сексуален однос со непозната девојка.
За ова денеска зборуваше и тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, кој истакна дека е целосно со својот напаѓач.
“Јас сум со него. Најважно е дека тој е добро и го игнорира сето тоа. Тој е максимално фокусиран на она што го сака, работата и семејството”, рече Зидан.
Не е познато кога Бензема ќе се појави на суд, но сигурно е дека ќе мора да одговори на поканата.
Бензема поради овој скандал беше исфрлен од француската репрезентација и со години не беше дел од тимот предводен од Дидие Дешамп.