Фудбал
ВИДЕО: По масовната тепачка помеѓу навивачки групи во Штип, се огласија и двата фудбалски клубови
Попладнево се случила масовна тепачка помеѓу навивачите на Брегалница и Тиквеш. Биле употребени дрвени палки и тврди предмети, имало и повредени, а морало да интервенира и полицијата. Неколкумина се уапсени, а полицијата работи на целосно расчистување на случајот.
Доцна попладнево се огласија и фудбалските клубови чии навивачи учествуваа во инцидентот.
СООПШТЕНИЕ НА ФК БРЕГАЛНИЦА:
ФК Брегалница изразува жалење за несаканиот инцидент кој се случи меѓу дел од навивачите на Брегалница и Тиквеш во пресрет на денешниот дерби натпревар од 14. коло во Втората лига – Исток.
Несаканите сцени апсолутно не се во согласност со начелата кон кои тежнее ФК Брегалница како клуб кој е максимално посветен на определбата за исфрлање на насилството од терените и надвор од нив, и вистински спортски пријател со сите фудбалски чинители во Македонија. Отворено го искажуваме нашиот став за осуда на таквите случувања кои, секако, од ниту еден аспект не може да се поддржат и оправдаат, а кои единствено нанесуваат штета на фудбалот воопшто.
Испраќаме силна порака за максимално фер и коректно навивање и во иднина, како единствен начин за спречување на сите немили сцени, како оние денешните, на и околу нашите фудбалски стадиони. Па, заедно со сите наши поддржувачи и навивачи, ФК Брегалница да биде вистинскиот пример-двигател за промоцијата на спортот во регионот и во Македонија.
СООПШТЕНИЕ ОД ГФК ТИКВЕШ 1930 КАВАДАРЦИ
Во врска со денешните немили сцени во Штип каде што затекнавме физички напад помеѓу двете навивачки групи, Градскиот фудбалски клуб Тиквеш 1930 од Кавадарци жали за истите и во иднина ќе се бори за цел спречување на инциденти како денешниот.
Испраќаме силна порака за максимално фер и коректно навивање и во иднина, како единствен начин за спречување на сите немили сцени, како оние денешните, на и околу нашите фудбалски стадиони. Па, заедно со сите наши поддржувачи и навивачи, ГФК Тиквеш да биде вистинскиот пример-двигател за промоцијата на спортот во регионот и во Македонија.