Фудбал
Испуштивме победа во последна минута, Македонија ремизираше со Словенија
Македонската фудбалска репрезентација денеска го одигра контролниот натпревар пред почетокот на Европското првенство против репрезентацијата на Словенија. Нашата репрезентација покажа одлична игра, но на крајот натпреварот заврши без победник (1:1).
Нашата репрезентација одлично го започна натпреварот, со отворен и офанзивен фудбал се обидуваше да дојде до голот на противникот и да ја затресе мрежата.
Првата шанса за нашата репрезентација дојде во 10. минута од натпреварот, но шутот на Елмас беше блокиран од одбраната на Словенија.
Во 11. минута Иличиќ лесно се ослободи од одбраната на Македонија, но не успеа да ја затресе мрежата на Димитриeвски.
Македонија имаше одлична шанса во 20. минута да го отвори резултатот по одличното нафрлање на Елмас од прекин, но никој не успеа да ја зафати топката и таа заврши во рацете на Облак.
Тоа беа позначајните шанси на двете страни во првото полувреме.
Во второто полувреме можевме да видиме далеку поинтензивна игра исполнета со напади и шанси за гол. Македонија покажа дека е моќна и дека може да се надигрува со било кого.
Најпрво Пандев во 54. минута од натпреварот имаше шанса да го отвори резултатот, но неговиот удар беше блокиран од одбраната на Словенија.
Но, веќе во следниот напад на нашата репрезентација Алиоски го пронајде Елмас кој ја затресе мрежата на Облак и донесе водство на Македонија од 1:0.
Во 85. минута од натпреварот Алиоски имаше шанса да зголеми резултатот на 2:0, но неговиот удар го одбрани искусниот Облак.
На самиот крај на натпреварот, во судиското надополнување, односно во 97. минута од натпреварот Црнигој ја затресе мрежата на Димитриевски и го израмни резултатот на 1:1.
Нашите момци покажаа далеку подобра игра од противникот, изградија одлични шанси и опасни напади кон голот на Словенија и апсолутно заслужија да ја однесат победата, но сепак денеска ја немаа таа среќа.
Следен противник на нашата репрезентација пред Европското првенство е репрезентацијата на Казахстан.