Фудбал
Има и некој што го брани Алегри: Човекот прави чуда, нема квалитет, особено во средниот ред
Јувентус синоќа доживеа нов срам во Лигата на шампионите.
По 1:1 во првиот натпревар, во реваншот од осминафиналето одигран во Торино, Виљареал славеше убедлива победа од 0:3 со головите на Морено, Торес и Данџум од 78. до 92. минута, оставајќи ја Старата дама без четвртфинале.
Очигледно, на ова следеа бројни критики кон сите во Јувентус, а како што обично се случува, најголем дел од прстите се вперени во тренерот, во случајов Масимилијано Алегри.
Сепак, има некој кој застана во негова одбрана, а тоа е поранешниот играч на Јувентус, францускиот дефанзивец Патрис Евра.
„Разочаран сум од лицето што го покажа Јувентус. Исто така, морам да кажам дека Алегри прави чуда бидејќи нема квалитет во овој тим, особено во средниот ред. Ги имавме Маркизио, Видал, Пирло… Денеска не видов дека Артур направил нешто“, изјави Евра и додаде:
„Во фудбалот една работа е многу важна. Ако пропуштите четири одлични можности во Лигата на шампионите, ја плаќате цената, а потоа е тешко да се опоравите. Јуве не се обиде да победи на овој натпревар. Тоа го направи во првото полувреме, но тие направија пет додавања во вториот дел пред Куадрадо да ја прими топката“.
На Јувентус му преостанува оваа сезона да избори пласман во Лигата на шампионите преку Серија А, а во игра е и за освојување на Купот на Италија, со оглед на тоа што стигна до полуфиналето на натпреварувањето.
Да потсетиме, Евра беше член на Јувентус од летото 2014 година кога пристигна од Манчестер Јунајтед, до јануари 2017 година кога замина во Марсеј.
За Јувентус одигра 82 натпревари, постигна три гола и забележа седум асистенции, а со Старата дама три пати беше италијански шампион, два пати го освои Купот на Италија и еднаш Суперкупот на Италија, а играше и во финалето на Лигата на шампионите во 2015 година кога победи Барселона со 3:1.