Фудбал
Меси не се прашува, тој одлучува! Ништо од останувањето во Париз…
Медиумите во Франција пред неколку месеци уверуваа дека Лионел Меси ќе го продолжи договорот со Пари Сен Жермен барем на уште една сезона, но сега нема да биде никакво изненадување доколку тој го напушти Париз.
Неговиот татко Хорхе, кој од самиот почеток се грижи за неговата кариера, ја имаше првата средба со претставници на Пари Сен Жермен и се врати дома со недовршени работи. Тој не беше задоволен од условите што ги слушнал, па поради тоа поизвесно е дека на лето Меси ќе има нов клуб.
„Во Париз долго време постоеше оптимизам дека Меси ќе остане, но тој оптимизам наеднаш стивна во изминатите неколку дена. Има се помалку шанси Меси да остане, а луѓето од Париз веруваат дека тој не сака да го продолжи неговиот договор, само купува време за да преговара за трансфер во МЛС каде што го сака Интер од Мајами“, се вели во денешното издание на најтиражниот француски спортски весник Л’Екип.
Интересен не е само американскиот Интер, во сопственост на Дејвид Бекам, во кој Меси би можел да стане косопственик, туку и Барселона е актуелна затоа што Хорхе Меси по преговорите отпатува во главниот град на Каталонија, што многумина го протолкуваа како „подготвување терен“ за неговото враќање на Камп Ноу.