Connect with us

Фудбал

Какви парови во ЛШ, има да грми, Пеп Гвардиола со Сити против својот некогашен тим Баерн Минхен, финале пред финале

Точно напладне беа извлечени паровите за четвртфиналето во Лигата на шампионите. Жрепката сакаше во оваа фаза да се сретнат двата најголеми фаворити за пехарот, Манчестер Сити и Баерн Минхен. Пеп Гвардиола, на кормилото на англискиот тим против неговиот некогашен тим Баерн Минхен, кој со успех го предводеше.

Втората мега пресметка е дуелот помеѓу Реал Мадрид и Челзи. Иако лондонскиот тим во Премиер лигата сезонава не е убедлив, односно игра слабо, сепак никогаш не треба да се отпишува.

Со оглед на тоа дека во оваа фаза имаше три италијански клубови, се очекуваше да имаме и италијанска пресметка во четвртфиналето. Тоа ќе биде дуелот помеѓу Милан и сезонава одличниот Наполи на нашиот Елиф Елмас.

Последниот пар е Бенфика и Интер.

Уште сега се знае кој со кого ќе игра во полуфиналето. Едното полуфинале ќе го сочинуваат победниците од дуелите Милан-Наполи и Бенфика – Интер, а вториот полуфинален пар ќе го направат победниците од мечевите Манчестер Сити-Баерн Минхен и Реал Мадрид-Челзи.

Првите четвртфинални натпревари ќе се одиграат на 11. и 12. април, додека реваншите се закажани за 18. и 19. април. Полуфиналните мечеви се закажани за 9. и 10. мај, односно 16. и 17. мај.