Фудбал
Што се случи со медалот што требаше да го добие Никола Калиниќ?
Репрезентацијата на Хрватска направи големо изненадување со освојувањето на сребрените медали на Светското првенство во Русија, што е најдобар резултат во историјата на оваа селекција.
„Ватрените“ играа одлично на Мундијалот и заслужено дојдоа до финалето каде на крајот беа совладани од Франција. Сепак, освојувањето на сребрениот медал е историски успех за оваа селекција, а скоро половина милион навивачи ги дочекаа на улиците во Загреб каде им приредија славење кое ќе го паметат засекогаш.
Една од дамките во екипата на Хрватска во текот на Светското првенство е ситуацијата со Никола Калиниќ кој беше отстранет од екипата после првото коло. Калиниќ се скарал со Златко Далиќ по натпреварот против Нигерија затоа што не сакаше да влезе во игра, а селекторот на Хрватска поради тоа го испрати дома.
Иако не одигра ниту една минута на Мундијалот, Калиниќ имаше право да добие медал затоа што беше дел од тимот кој отпатува во Русија. Од фудбалскиот сојуз на Хрватска порачаа дека напаѓачот ќе го добие медалот, но Калиниќ го одбил. Еден од играчите на Хрватска му го донесе медалот во Сплит, но калиниќ одби да го прифати, па порача дека едноставно не го заслужил сребрениот медал.
Хрватските медиуми пренесуваат дека многумина ги интересирало што се случи со медалот откако Калиниќ не го прифати. Сепак од фудбалскиот сојуз на Хрватска рекоа дека медалот е кај нив и дека ќе служи за изложување на разни церемонии во иднина.