Connect with us

Други спортови

Тие се млади, талентирани и иднината на македонскиот спортот: Блескаа во 2018, но 2019 дефинитвно ќе биде нивна година

Македонија отсекогаш имала спортски таленти, но исто така нема да се згреши ако се каже дека тие многу тешко испливуваат на површина. Меѓутоа во 2018 година бевме сведоци на неколку блесоци на млади спортисти на борилиштата. Но, годинава истите со сигурност може да се каже дека ќе бидат многу повеќе во центарот на вниманието, односно дополнително ќе блеснат на спортската сцена. Се очекува тие да бидат најголемата македонска гордост кога во прашање е претствувањето на нашата држава и надвор од нејзините граници. Најголем блесок се очекува од младите ракометари, особено од оние кои настапуваат за македонскиот вицешампион Металург и веќе стануваат големи конкуренти за влез во сениорската репрезентација. Но, таленти има и во другите спортови и тие не се ништо поназад од ракометарите, напротив, многу се успешни и тоа го докажаа во годината што измина, а во 2019 година се очекува нивниот најголем блесок на спортската сцена.

Во 2019 треба да блеснат двајцата десни бека на тимот од Автокоманда, Мартин Серафимов и Томислав Јагуриновски. Првиот само што стана полнолетен, а вториот е две години повозрасен, но за двајцата освен што играат на иста позиција, заедничко е и тоа што во иднина ќе бидат во конкуренција за националниот тим да го наследат најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров. Капитенот на репрезентацијата и играч на францускиот Нант, кој во скоро време ќе му каже збогум на активното играње ракомет, а одговорност на неговата позиција ќе падне токму на овие двајца ракометари.

Двајцата се повикани на подготвките со националниот тим за претстојното Светско првенство во Германија и Данска, што значи дека селекторот Раул Гонзалез веќе го скенирал нивниот талент и само го чека вистинскиот момент кога да ги турне во оган. Тоа може да се случи уште на овој Мундијал, барем едниот од нив да биде на конечниот список од шеснаесет ракометари. Но, доколку не добијат сега можност во националнио тим, тоа сигрурно ќе се случи на наредното големо меѓународно натпреварување, поточно на ЕП 2020.

– Голема чест е да се биде меѓу најдобрите македонски ракометари. Имам голема трема дури и во разговор со новинарите. Најмал сум, но желбата е голема. Чувствата се измешани, но верувам дека сите млади ракометари така се чувствуваат. Мое е да го дадам максимумот и да учам од поискусните. Си ја барам својата шанса. Искуството со сениорската репрезентација многу ќе ми значи, затоа што на лето во Скопје со кадетската селекција ќе играм на СП и тоа е главен настан на кој мора да се направи успех, вели Серафимов.

Оние што добро го следат пливањето знаат дека Македонија го има својот Мајкл Фелпс. Станува збор за 14-годишниот Стефан Цветкоски, кој се враќа со медал од секое натпреварување. Тој постојано е во трка со времето, секоја секунда, секоја стотинка е важна за него, а најважно од се е тоа што од секое натпреварување не само што носи медали туку и урива рекорди. Неговата омилена дисциплина е делфин, во која е и државен шампион на 50 и 100 метри. Токму на крајот од 2018 година македонската олимписка надеж повтороно го подобри државниот рекорд на 50 метри (26,86 секунди) и 100 метри (1.00.64 минути).
Како и на секој спортист, неговата желба е да настапи на Олимписките игри, а според резултатите што ги постигнува не е далеку од остварување на оваа цел. Иако го споредуваат со Мајкл Фелпс, негов омилен пливач е Јужноафриканецот Џад ле Клос.

Стефан го очекува многу напорна, но исто така и возбудлива година. Тој ќе настапи на меѓународните турнири во Италија, Словенија, Австрија, Бугарија, Србија и Унгарија. Исто така ќе биде дел и од Олимпискиот фестивал за млади, Медитеранските игри за кадети и Централно европските игри за кадети.
Тој е еден од ретките македонски пливачи кои е близу до остварување на А – олимписка норма, но нема да може да настапи на Олимписките игри во Токио само затоа што нема да има напонето 16 години, минималната граница за настап на еден спортист на најголемиот спортски настан. Меѓутоа, Македонија може да биде горда на него и да ги следи неговите резултати во наредниот период, бидејќи тој напредува со брзина на светлина и сигурно ќе биде дел од Летните олимписки игри во Париз во 2024 година.

На фудбалските терени наредната година најсилно се очекува да блесне играчот на Ренова, Влатко Стојановски, кој полусезоната од ПМФЛ ја заврши на делба на првото место со голгетерот на Шкендија, Бесарт Ибраими, со по 11 погодоци. Во иднина се гледа во силната Серија А, а воедно откри дека посакува да ги следи стапките на веќе докажаните репрезентативци Горан Пандев, Илија Несторовски и Александар Трајковски.

– Се надевам во наредниот период ќе пристигнат неколку понуди за мене, но нема да брзаме со одлуката. Верувам дека ќе имам импресивна интернационална кариера, иако е рано да говорам за такво нешто. Доколку би имал можност да бирам, сметам дека Серија А е вистинското место за мене, а воедно сакам да ги следам чекорите на најдобрите наши фудбалери, како Горан Пандев, Илија Несторовски, Александар Трајковски, кои моментно настапуваат во Италија. Може се да се случи, но за тоа прво се прашува мојот тим Ренова, со кој имам договор уште една година. Што се однесува до настап во репрезентативниот дрес, секако дека едвај чекам да добијам повик и ќе дадам се од себе да не ја разочарам македонската јавност. Но, до тогаш, ќе ја надградувам својата форма и посакувам да останам на врвот кога во прашање се најдобрите стрелци во шампионатот на Македонија, истакна Стојановски.

Дека Македонија навистина има таленти, најдобро говори и успехот на 16- годишна кошаркарка Илина Селцова, која моментно ја калеми својата форма во академијата на Ратгевер, Унгарија. Таа ја доби и наградата од МКФ за најдобра млада кошаркарка во нашата земја за 2018 година. Оваа награда ќе и биде поттик плус за остварување на подобри резултати во иднина. Како што и самата вели, еден ден посакува да биде дел од најквалитетното клупско кошаркарско натпреварување во Европа – Евролига.

– Наредната година останувам да тренирам во Унгарија каде настапувам за тимот на Ратгевер. Импресионирана сум од наградата која ја добив од МКФ и наредната сезона ќе се обидам да напредувам во својата форма. Задоволна сум од тимот кој одлично работи со младите кошаркарки на едно врвно и професионално ниво во современи услови кои секој спортист ги посакува. Во иднина сакам да бидам дел од Евролигата и искрано се надевам дека ќе успеам во тоа. Што се однесува до репрезентацијата на Македонија, намерите ни се јасни, односно очекувам да бидеме далеку поконкурентни и да се пласираме на некое Европско и Светско натпреварување, вели Илина. (С.Т. К.Т.)