Connect with us

Фудбал

„Димитриевски е фантастичен, ќе биде уште подобар во иднина“

Македонската репрезентативна „единица“ Столе Димитриевски брилјираше вчера за својот Рајо Валјекано, бранејќи пенал и два зицери со кои малиот мадридски клуб победи на гости кај Валјадолид и освои три големи бода во трката за опстанокот.
Димитриевски нормално беше играч на мечот, угледната „Марка“ го оцени со три ѕвездички (најмногу од сите инволвирани на теренот), а тренерот Мичел не штедеше со комплиментите за својот голман, кој во последно време има фантастични интервенции и наполно ја оправдува довербата како прв избор за чувар на мрежата на Рајо.

„Настрана пеналот, за мене Димитриевски беше врвен со двете неверојатни одбрани пред тој момент. Првата одбрана беше во првото полувреме, па втората во вториот дел и потоа дојде пеналот. Дими (надимакот на Столе во Шпанија – н.з.) ќе расте уште повеќе. Ќе расте како што ќе расте тимот. Сите ние сме пресречни за неговите настапи. Очигледно е дека напредуваме, а резултатите на тимот тоа го покажуваат. Дими имаше фантастичен настап, очекувам дека ќе биде уште подобар во иднина“, вели Мичел.

Главните шпански медиуми, посебно мадридските, не престанаа со пофалбите за макеоднскиот голман, кој пред само два ипол месеци беше исмеван од цела Европа по неверојатните киксови во Ереван во дресот на македонската репрезентациа. Но, по тој шок, Димитриевски како „феникс“ се издигна и секое коло има по неколку фантастични одбрани.

„Навистина сите навивачи на Рајо Валјекано се чудат, како е можно Столе да не биде стартер од почетокот на сезоната. Но, откако застана меѓу диреците, веќе покажа дека тој е квалитет за Ла Лига. Денеска триумфот на Рајо е негово дело. Нема сомнение дека беше најдобар“, пишува „АС“.

ИЗВОР: SPORT1.MK