Connect with us

Фудбал

Фудбалерите во Македонија ќе се тестираат на коронавирус

Синдикатот на фудбалери на Македонија обезбеди 300 тестови за екипите на македонската Прва лига. По урнекот на повеќето поразвиени и побогати европски фудбалски земји, и македонскиот синдикатот на фудбалери е подготвен да организира и спроведе тестирање на Ковиид-19, на играчите, стручните штабови, но и сите кои се инволвирани во работата со прволигашките клубови

Во соопштението на синдикатот објавено на официјалната „Фејсбук страна“, се нагласува дека синдикатот од своите финансиски средства е подготвен да  обезбеди тестирање на повеќе од 300 луѓе, а се надеваат дека ќе бидат во можност да извршат и три тестирања како што е пракса во европските земји.

„Пред и за време од започнување со нормален тренажен процес мобилна екипа ќе доаѓа по клубовите и ќе врши тестирања со цел фудбалерите и сите што имаат контакт со нив во клубовите безгрижно да можат да си ги извршуваат своите работни задачи“, се вели меѓу другото во соопштението на синдикатот.

Во зависност од утрешните одлуки пред се на здравствените власти и во федерацијата ќе го кројат планот, односно календарот за продолжувањето на прволигашката сезона, во која покрај 13-те преостанати кола треба да се доиграат и завршните натпревари во националниот куп.

Од нашето опкружување, односно Балканот, засега сигурен е рестартот на фудбалските првенства во Хрватска кон крајот на месецов, односно Србија на почетокот на следниот месец.