Connect with us

Други спортови

Александар Димовски –Димса утре во Базел, Швајцарија на профи кик-бокс меч К-1

Битолчанецот Александар Димовски – Димса од синоќа е веќе во градот Базел во Швајцарија, каде ги има последните подготовки пред утрешниот професионален кик-бокс меч, според К-1 правилата, против Унгарецот, Кристоф Нади.

Иако Димсата уморен од долгиот пат со автомобил од Битола до Базел, сепак најде време и по вибер-комикација ни ги кажа деталите од тоа како дојде до учество на профи мечот, за патувањето и секако за очекувањата од утрешниот настап на “Фајт најт“.-Овој професионален меч дојде до реализација по заслуга на кичевчанецот Урим Саити, кој исто така ќе настапи во Базел. Со него подолго време заедно работиме и можам слободно да кажам дека имаме одлична соработка на секој план, а морам да кажам дека сме спаринг партнери. До овој профи-меч дојде, да кажам ненадејно, но ете утре ќе се случи. Иако од последниот професионален меч, кога се борев против Мирослав Вујовиќ, имам пауза од 10 месеци, сепак немам ни ден пауза со тренинзите и затоа се одлучив да одговорам на поканата, вели Димовски.

За исцрпувачкиот пат од Битола до Базел, Димитровски ни рече:

-Патуваме со автомобил, од Битола преку Албанија, па траек до Анкона, Италија, па возење до Базел. Во Анкона имавме пауза за да се видиме со пријатели и роднини и се упативме кон Базел, попатно со уште една пауза. Во Базел пристигнавме синоќа, доцна вечер, се сместивме во хотел и ги започнавме подготовките за утрешниот меч. Денес ќе имаме малку “полабав“ ден, ќе се одмараме, а во 18 часот е вагањето на тежина и првото запознавање со противникот. По вагањето ќе имам лесен тренинг и ќе го почнам одбројувањето до мечот.Инаку, противник на нашиот сограѓанин, кој битолчани го познаваат едноставно само како Димса е Кристоф Нади од Унгарија, на “Фајт најт“ (вечер на борбите)  во Кросхал, Базел, Швајцарија. Иако за противникот, како вели, нема никакви информации тој е оптимист и ни рече:

-Ќе ви кажам кратко. Мојата категорија супер-тешка +91 килограм, со К-1 правила е тешка, но очекувам победа, а ако не очекувам победа зошто би бил тука во Швајцарија.

Димовски има свој клуб за боречки вештини во Битола, КБК Енерџи каде е посветен целосно, а како вели на државните првенства во кик-бокс и бокс нема повеќе да настапува, а место него ќе се борат неговите ученици на кои сака да им биде пример како вреден и успешен спортист.

Пред една седмица, Димовски беше избран и за најдобар спортист на Битола за 2017 година, благодарение на резултатите кои ги постигна минатата година во кик-бокс, бокс и на профи мечевите.

Сашо Ристевски | Bitolanews.mk