Фудбал
Атомски 45 минути на Камп Ноу, Барселона и Манчестер Јунајтед потсетија на најдобрите времиња (ВИДЕО)
Барселона и Манчестер Јунајтед одиграа 2:2 во супер интересна пресметка во која барем во второто полувреме потсетија на најдобрите времиња на овие две екипи, кога играа прекрасен и отворен фудбал. По првиот дел во кој немаше голови, но сепак имаше возбудувања, следуваше атомски фудбал во вторите 45 минути. Видовме четири голови, а шанси на двете страни за најмалку можеби уште по еден гол во двете мрежи.
Во 50-тата минута Барселона поведе со голот на Маркос Алонсо. Радоста на домаќините траеше само три минути бидејќи Рашфорд во 53-та израмни на 1:1. Шест минути подоцна целосен шок за навивачите на „Камп Ноу“. Рашфорд добро пробива по десна страна, се обидува да проигра, а Кунде несреќено постигнува автогол. Во 76-тата минута Рафиња во обид да центрира, постигнува гол, откако топката минува покрај Левандовски и дефанзивецот на Јунајтед Варан.
По овој гол „Камп Ноу“ експлодираше, Барселона уште повеќе се разигра и редеше шанси, Јунајтед секако чекаше шанса од контра. Но, мрежите мируваа. Реваншот се игра на 23-ти февруари на „Олд Трафорд“.