Connect with us

Фудбал

Барди за мечот со Украина: Доволна мотивација за нас е што го носиме националниот дрес!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Енис Барди очекува позитивен резултат против Украина. Вели дека во јунскиот пораз на домашен терен од 3:2 имале пад на концентрацијата и верува дека сега нема да се повтори такво нешто. За Украина имаше пофални зборови.

„Украина е многу квалитетна репрезентација, има топ фубдалери. Не размислуваме за нивните отсуства, туку само за нашиот тим. Секогаш разговараме за нашите слаби страни и како да се подобриме. Зборуваме за менталитетот кој сакаме да го промениме, се консолидиравме и го надминавме јунскиот пораз. Со самото тоа што го носиме репрезентативниот дрес, значи дека ние сме најдобрите играчи во моментот, не е потребна поголема мотивација. Со Украина играме уште еден важен натпревар за нас, па сакаме позитивен резултат. Мислам дека на првиот дуел имавме пад на концентрацијата, во некои ситници кои може да се казнат. Сите ќе преземеме одговорност, знаеме колку ни значи и без притисок не може да се игра, изјави Енис Барди.

Мечот Украина-Македонија се игра во сабота со почеток во 15:00 часот в Прага.