Фудбал
Беше ѕвезда во Турција, освои бронза на СП, играше за Интер, а Ердоган му го уништи животот
Поранешната фудбалска ѕвезда Хакан Шукур во интервју за германски „Билд“ го раскажа својот живот од врвот па до дното. Но, не по негова вина, туку поради Реџеп Таип Ердоган.
Хакан Шукур има 48 години. Во моментов живее во Вашингтон, САД. Под постојан надзор е на ФБИ. Во моментов вози такси и продава книги.
Во својата кариера играл за Галатасарај, Парма, Интер. Со Турција на СП во 2002 година освои бронза, односно трето место. Стрелец е на најбризиот гол во историјата на светските првенства. Постигнал 51 гол за селекцијата на Турција на 112 мечеви.

По завршувањето на фудбалската кариера, се вклучи во политиката, се разбира како опозиционер на Реџеп Таип Ердоган. Во 2015-та се случи обид за државен удар, а Ердоган го обвини Фетулах Ѓулен и неговата, како што ја нарекуваат терористичка ФЕТО. Бројни личности, па и спортисти беа обвинети за поврзаност со оваа организација. Еден од нив е и Хакан Шукур. Иако негира, сепак според Ердоган и моменталната власт, тој е државен непријател на Турција.
Се што заработил од фудбалот, имотот, парите, се му е „замрзнато“ од страна на турската власт.

-Ердоган ми зеде се’, се пожали Шукур за весникот „Билд“.
-Моето право на слобода, право да се објаснам, да се изразам, право на работа. Јас поседувам десетици милиони долари во Турција. Но, сè беше конфискувано. Тие дури и го затворија татко ми, вели Шукур.
Тој во моментов е во егзил во Вашингтон, а таму работи како таксист и продава книги.