Connect with us

Фудбал

„Бесконечна љубов“ – Пандев и на 37 години ќе игра во Џенова, следува продолжување на договорот

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев најверојатно и следната сезона ќе го носи дресот на Џенова. Иако во јули месец ќе наполни 37 години, сепак се чини дека пензионирањето ќе биде одложено.

Според угледниот италијански весник „Газета дело Спорт“, кој објави вест со подналов „Бесконечна љубов“, тврди дека наскоро Горан Пандев ќе го продолжи договорот со Џенова за уште една сезона.

Горан Пандев најави дека ќе се пензионира по завршувањето на оваа сезона, бидејќи очекуваше до тогаш да заврши и Лигата на нации, каде очекува пласман со Македонија на ЕП. Сепак, поради коронавирусот, целата сезона во Италија е поместена, како и репрезентативните мечеви, па Пандев ќе го продолжи договорот со Џенова за да остане во форма и да може да настапи за репрезентацијата, бидејќи во октомври претстои првата пресметка, против Косово, за пласман на ЕП преку Лигата на нации.

Инаку, Пандев оваа сезона игра солидно, постигна седум погодоци досега, со  што израмни учинокот од сезоната 2013/2014 кога настапуваше за Наполи.