Фудбал
„Би се плашел да ја шутнам топката покрај Роналдо во тимот, тој сака топките да одат кај него“
Кристијано Роналдо деновиве е мета на критики за неговото однесување на натпреварот против Њукасл.
Манчестер Јунајтед пред неколку дена на „Ст. Џејмс Парк“ ремизираше против Њукасл (1:1), а „црвените ѓаволи“ не ја воодушевија јавноста со својата игра.
Мета на критики особено беше Роналдо, кој беше невидлив на овој меч, а после тоа лут го напушти теренот и замина во соблекувалната, што предизвика уште поголемо незадоволство кај англиската јавност.
Затоа се огласи поранешниот играч на Астон Вила, Габриел Агбонлахор кој изјави дека е многу изненаден од однесувањето на Роналдо.
„Ми се чини дека Роналдо се грижеше само за своите голови. Против Њукасл беше нервозен и постојано мавташе со рацете бидејќи немаше шанси на тој натпревар. По натпреварот тој во лутина го напушти теренот и секако продолжи со таквото однесување во соблекувалната“, рече Агбонлахор и додаде.
„Такви големи играчи не смеат така да се однесуваат. Да бев Рашфорд, Гринвуд или Санчо, ќе се плашав да шутирам кон голот покрај него. Секогаш кога ќе го направат тоа, тој ги крева рацете и им покажува дека требало да ја подадат топката на него. Соблекувалната на Јунајтед не е добра и не може така лесно да се сокрие на теренот. Не знам зошто го донесоа ако сите топки треба да му се додадат него?“.
„Тој е фантастичен играч со неверојатна кариера, но јасно е дека не е истиот играч како пред неколку години. Јунајтед го одигра убедливо најдобриот натпревар против Челзи оваа сезона и тоа беше кога Роналдо беше на клупата“.