Connect with us

Тајмаут

Богојески: Херои на нацијата треба да бидат најдобрите спортисти, а не корумпираните политичари – помалку политика на ТВ екраните, повеќе спорт!

SPORTM.MK: Често спортот е мешан со политика, вие се залагате за спротивното, дали може тоа да се реализира и што ќе направите во таа насока?

Спортот за нас е пред се превентивна здравствена заштита, па се друго. Колку повеќе пари ќе вложиме во спорт, толку помалку ќе трошиме на лекови и болници. Тоа е во една реченица, претставена нашата филозофија за спортот. Потребни се огромни вложувања, почнувајќи од училишниот спорт, заклучно со професионалниот, со цел на крај да заштедиме, а да имаме здрава и спортска нација. Не само вложувања во спортска инфраструктура. Повеќе мислам во вложувања во човечки ресурси во спортот и младите таленти. Политиката тука нема работа. Затоа истакнавме проект за спорт „Политика во втор план“. Херои на нацијата треба да бидат најдобрите спортисти, а не корумпираните политичари. Секако дека и политиката си има свое место во животот на сите нас. Но не во центарот на сите случувања, не во центарот на нашите животи. Што во прв план?
Се знае, квалитет на животот, слободата, професијата и пред се спортот, и не само како хоби. Треба да градиме култ на спортови, а не култ на политичари. Спортот треба да биде на пиедесталот на општеството. Помалку политика на ТВ екраните, повеќе спорт!

Во таа насока, ние имаме и индивидуални, но и општествени придобивки. Од индивидуалните ги издвојувам различните социо-економски добивки, позитивното влијание врз личноста, здрав поединец е здрава заедница и општество. Физичката активност придонесува за формирање на здрава и сестрана личност. Превентивно влијае кај младите да се оттргнат од штетните пороци (алкохол, пушење, дрога). Од општествените придобивки покрај создавањето на здрава нација, исклучително значење има заштедите во буџетот на здравството, кои ќе може да се пренаменат во превентивната здравствена заштита.

Со цел оваа замисла да стане реалност, предлагаме да се донесе Закон за забрана на политичкото влијание во спортот. Ниту политичарите ќе може да се замешаат во него, ниту пак спортистите ќе може да бидат политички активни, се до оној момент додека се професионални спортисти. Ќе повторам, политиката во втор план. Прво професијата и квалитетот на животот. Мораме да го деполитизираме македонското општество.

SPORTM.mk: Младите спортисти се соочуваат со проблеми при реализирање на нивните сонови, а на крај ја напуштаат и државата, дали ќе преземете нешто во таа насока?

По се што доживеавме до сега, особено последниве 30 години, многумина причините за овој тренд на иселување на младите го гледаат во економскиот фактор. Но ние не мислиме така. Ние мислиме дека младите заминуваат од политиката, зашто се задушени во оваа држава од политика. Немаат слобода, простор каде да живеат, а политиката да не им го одзема. Прв услов како до нормална држава е политиката да биде на втор план. Прво слобода и здравје, па после политика. Пред неколку месеци имавме прилика да забележиме една мерка на Министерството за образование, која предвидува да ги уценуваме, присилуваме младите да останат во земјава. Наместо уцена, ние предлагаме партнерство со младите. Ако некаде треба да се замеша политиката во животот на луѓето, особено на младите, тоа е тогаш кога треба да обезбеди услови за достоинствен живот. Услови младите да останат во татковината и да создадат иднина тука дома, со своите најблиски.

Нашата визија е во проектот „Партнерство со младите“ да ги вклучиме и спортските бизнис идеи, спортската дејност да стане самоодржлива како таква. Младите спортисти или луѓето со желба да го внесат претприемништвото во спортот ќе добијат пари од државата за почеток на таа бизнис идеја. Првите три години ќе бидат целосно ослободени од данок. После успехот на компанијата, државата својот удел го отуѓува со понуда на ортакот, потоа на надворешен партнер. Така ќе создадеме самоодржлив развој на спортот во земјава, а сите спортски ентузијасти, особено младите, ќе бидат директно помогнати своите соништа да ги преточат во дело.

Масовното отселување на младите не е само еден проблем. Тоа се мултиплицира на повеќе начини. Во отсуство на младите, возрасните остануваат без нужната грижа. Затоа и највозрасните треба да не поддржат нас на овие избори, да го поддржат број 10, зашто само здрава спортска младина ќе овозможи вистинска генерациска грижа и за повозрасните.

SPORTM.mk: Дали спортот и туризмот во нашата држава треба да се подигнат на повисоко ниво или пак да гледаме натпревари на стадионот во Скопје за кои би имало интерес дури и од регионот?

За нас, туризмот е еден од трите сектори кои може да одржат економски развој на Македонија. За да доловам на што мислиме и како ги поврземе спортот и туризмот, ќе споделам со Вас неколку идеи од нашата 3С Програма 2020. Спортот може да биде алатка за бенифицирање на повеќе сектори (социјален, економски, внатрешен туризам, култура, здравје, фамилијарни вредности). Предвидена е годишна програма на активни денови – прошетај ја Македонија. Практикувај спорт и заљуби се во Македонија. Организирање на 3-5-10км трки и прошетки за аматери, дечиња, фамилии, сениори во избрани 10 до 30 села и градови, места со недопрена природа, преку цела година, секој втор или трет викенд или на специјални денови како Илинден и други државни празници. Целодневна програма, викенд за цела фамилија. Целта е биди активен, биди здрав, оди во природа, исчистија од ѓубре, запознај се и сакај ја татковината… Со „BIO friendly“ програма, еколошки штандови со локални автентични производи, компир од Берово, јаболко од Ресен… без кич ствари, турбо фолк и слично. Културно, европски, преку кампања да се запознае цел Балкан и Европа со наратив „must see“. Сето тоа проследено со активен туризам, базиран пред се на спортски активности. Точно имаме визија како ова да го направиме. Што треба и со кои луѓе. Потребна ни е доверба, поддршка за бр.10 на гласачкото ливче, за да се зафатиме за работа и нашата визија за спортот и туризмот во земјава да стане реалност. Со тоа ќе вратиме и многу млади од Европа, да работат на реализација на оваа програма. Тие знаат и имаат опит како тоа да го направат. Сите човечки и економски капацитети да ги впрегнеме во развој на туризмот и спортот, за се поретко да ги посетуваме болниците во Македонија.