Фудбал
Дали Ериксен ќе ја доживее судбината на Анри, Бергкамп и Кутињо?!
Многу играчи од Премиер лигата направиле трансфер во Серие А, но потоа зажалиле за тоа. Голем број на фудбалери успехот и врвот на својата кариера го направиле во англискиот фудбал, а биле речиси „невидливи“ во италијанскиот фудбал.
Последниот за кој се зборува е Кристијан Ериксен. Во Тотенхем беше вистинска „ѕверка“ на средината на теренот. Токму во овој клуб се наметна како еден од најдобрите играчи за врска со светот. Барселона, Реал Мадрид, Баерн, речиси сите големи клубови го „меркаа“. На крајот Интер успеа да го донесе за само 20 милиони евра, бидејќи му истекуваше договорот,а Тотенхем ризикуваше да го загуби за нула евра.

Но, Ериксен никако да се пронајде во Интер. Против СПАЛ синоќа одигра цел, меч, а според статистиката истрча најмногу, 11 километри. Играше добро, тоа го потврди и тренерот Конте, но дополни дека Ериксен е срамежлив и треба тоа да го исфрли од себе, бидејќи Премиер лигата и Серие А не се исти и дека во Италија се игра поинаков фудбал. Сепак, Конте се надева дека Данецот ќе се вклопи.

Но, тоа претходно не им успеало на многу големи фудбалски имиња, кои по заминувањето од Италија го доживеале најдоброто во својата кариера. Еден пример е Тиери Анри, кој во Јувентус не покажа многу, но затоа „експлодираше“ во Арсенал. Потоа Денис Бергкамп, кој во Интер исто така беше под просекот, но кога замина во Арсенал стана еден од најдобрите напаѓачи во светот.

Од поновата историја, уште еден случај на Интер, Фелипе Кутињо. Бразилецот по заминувањето од Интер во Ливерпул го покажа својот потенцијал, а потоа беше продаден на Барселона.
Дали и Ериксен ќе ја доживеа истата судбина останува да се види.