Connect with us

Фудбал

Данците го опишаа говорот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино како срамен

Спортскиот директор на Данската фудбалска федерација, Петер Молер, остро го критикуваше претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, а неговата вчерашна прес-конференција во Катар ја оцени како срамна.

„Бев шокиран кога дознав што изјави претседателот на ФИФА вчера. Сега ми е срам дури и што сум дел од Светското првенство“, изјави Молер за dpa.

Во саботата, Инфантино ги обвини западните земји за лицемерие и рече дека критиките кон домаќинот Катар се целосно неосновани. Швајцарецот зборуваше речиси еден час во одбрана на Светското првенство во арапската земја, која беше жестоко критикувана поради недостатокот на почитување на човековите права, нејзиниот третман кон претставниците на сексуалните малцинства, како и смртта на илјадници мигранти вклучени во изградбата на инфраструктура за Светското првенство.

„Мислам дека овој говор беше срамен. Ова е човекот кој ја обликува сликата на фудбалот и кој може да покаже што всушност може да направи фудбалот“, рече Молер.

Тој додаде дека верува оти ФИФА нема интерес да дебатира за условите во Катар и дека е загрижен за иднината на организацијата, како и за фудбалот воопшто, бидејќи се повеќе млади луѓе губат интерес за тоа. Дополнително, Молер е на мислење дека одржувањето на Светското првенство во Катар на никаков начин нема да ја промени состојбата на работниците во земјата.

„Дали мислите дека одржувањето на Светското првенство во Бразил ги променило животите на обичните луѓе таму на подобро? „Не сум убеден дека ќе има позитивна промена“, рече и поранешниот фудбалер.