Connect with us

Фудбал

Депортација, забрана за влез, судски трошоци, а сега на Ѓоковиќ му се заканува пад од првото место на АТП листата

Новак Ѓоковиќ ќе сака што побрзо да го заборави почетокот на 2022 година.

Десет дена траеше сагата за неговиот влез во Австралија и настапот на Австралија Опен, а денеска Федералниот суд на Австралија одлучи да ја потврди одлуката на министерот за миграција Алекс Хок и да му ја укине визата на Новак Ѓоковиќ.

Најдобриот светски тенисер ќе биде депортиран, му се заканува тригодишна забрана за влез во оваа земја, а во оваа постапка ќе треба да ги плати и судските трошоци.

На крајот на краиштата, на Ѓоковиќ му се заканува пад од првото место на АТП табелата откако таму помина 355 недели.

Имено, Ѓоковиќ нема да биде во ситуација да го брани трофејот освоен минатата сезона, па ќе остане без 2000 бода. Разликата меѓу него и второпласираниот Медведев е 2080 поени, па доколку Русинот го освои трофејот (брани 1200 поени, лани го играше финалето), Ноле ќе остане без првото место.

Да потсетиме, Медведев минатата сезона беше победник на последниот Грен слем турнир. Во финалето на УС Опен го победи Новак Ѓоковиќ.

Исто така, шанса ќе има и Зверев, кој моментално е третопласиран тенисер во светот. Германецот заостанува 3045 бодови зад Србинот, но од лани одбрани само 760 (четвртфинале), па победата на турнирот би му донела 1240 бодови и прво место на АТП листата.

Отвореното првенство на Австралија започнува утре.