Фудбал
Диего Коста ќе се обиде да ги освои Апенините
Диего Коста веројатно ќе го напушти Атлетико Мадрид на крајот од оваа сезона.
Коста се врати во Атлетико Мадрид пред две години од Челси, но во моментов не го прави токму она што го очекуваа од него. Овој 31-годишен напаѓач има многу проблеми со повредите, па поради тоа тој не е прв избор кај Диего Симеоне.
Симеоне најмногу се потпира на Алвар Мората, што е јасен показател за Коста дека среќата треба да ја бара во друг клуб. „Мундо Депортиво“ пишува дека Коста најверојатно ќе ја продолжи кариерата во италијанската Серија А.
Тој претходно се поврзуваше со преселба во Рома, која покажа голем интерес за него, но сега се вклучи и Наполи. Клубот од Неапол ќе се обиде да го донесе Коста во своите редови по трет пат, бидејќи тој ги одби двапати во претходните години.
Договорот на Коста со Атлетико истекува во летото 2021 година, но клубот нема да му предизвика проблеми ако сака да го напушти тимот. Најголем проблем во моментов е висината на неговата плата што Рома и Наполи не можат да ја исполнат.
Но, сигурно е дека ќе биде интересно каде ќе заврши Коста. Без разлика дали ќе биде Рома или конечно ќе се согласи да потпише за Наполи, ќе видиме кога ќе започне летниот преоден рок.