Поврзи се со нас

Фудбал

Димитриевски: Селекцијата функционира како семејство – што и да се случи на ЕП, ние веќе победивме!

Членот на Рајо Ваљекано направи кратко интервју за шпански „Л’Еспортиу“ во кое зборуваше за големиот успех со Македонија. Голманот Столе Димитриевски беше еден од најзаслужните за обезбедениот пласман на Европското првенство 2020.

Тој вели дека никогаш ова не го замислувал дека може да се оствари. Додава дека селекцијата функционира како едно семејство.

„Да бидам искрен, сè уште не можам да поверувам. Никогаш не можев да замислам дека ќе го остварам овој успех со Македонија. Ова докажува дека нема граница за помалите земји во Европа. Пласманот на Европско првенство е резултат на голем труд и долги години работа. Многу нови академии се отворија во мојата држава, кои придонесуваат да се пронајдат таленти. Селекторот изгради одличен тим кој е едно семејство. Сигурно дека неговата идеја за игра е причината за овој голем успех“, рече македонскиот голман.

Нашиот чувар на мрежата не заборави на влијанието на Горан Пандев кога е во прашање овој репрезентативен подвиг.

„Зборувавме пред мечот со Грузија дека би било идеално Горан да го постигне голот за победа. Тоа е личност која помогна многу за македонскиот репрезентативен фудбал да биде таму каде што е. Тој го сака фудбалот и е беспрекорен професионалец. Сакаше да се пензионира минатата година, но на крај одлучи да оствари голем успех со репрезентацијата, пред да каже крај. И може да се каже дека го заслужи ова што му се случува“, изјави 26-годишникот.

Дебито на македонската селекција на континенталниот собир ќе се случи на 13 јуни.

loading...

Facebook