Connect with us

Други спортови

Драган Ванов од „Мото Велес“ победник на првата ендуро трка

На првата трка за Ендуро државниот  шампионат на Македонија за 2019, што денеска се одржа на ендуро патеката над велешкото езеро „Младост“ во конкуренција од 23 учесници ендуро возачи од мото клубовите од земјава, првото место и севкупен победник на трката беше Драган Ванов од МК „Мото Велес“,со најбрзо време на трите теста  од 12 минути 18 секунди.

Се возеше четири круга по 30 или вкупно 120 километри по нерамен земјен терен со многу препреки, што е карактеристика на ендуро патеките во природа.

Драган Ванов, кој беше ендуро шампионат на Македонија за 2018, а воедно беше и  прв на оваа трка над велешко езеро што се одржа во октомври лани, за МИА вели дека првото место е резултат на повеќе од 10 години напорно вежбање и натпреварување во мото и ендуро трките.

-Напорно вежбам и се подготвувам. Лани бев шампион во ендуро за Македонија, а еве по освоеното прво место од првата трка се надевам дека и годинава ќе бидам прв по трите трки од годинашниот државен шампионат, очекува Ванов.

Втор во истата Е1 класа беше неговиот колега од истиот клуб Стефан Ристовски, а трет Дарко Дејановски од истиот клуб.

Во Е2 класата прв беше Самет Имеров од МК „Мото Велес“ втор Иван Трајков од „Јоби“, а трет Баже Шишковски од МК „Александар“ од Скопје.

Во Е3 класата прв беше Кенан Синанов од МК „Мото Велес“, а од истиот клуб беа и вториот Сали Имеров и третиот Насер Латифи.

Во Офроуд за аматерски ендуро возачи без лиценци прв беше Елвир Мемедов од МК „Мото Велес“, втор Филип Митровиќ од „Харт Ендуро“ – Куманово и трет Мартин Секеровски.

Организатор на натпреварите беше Мото клубот „Мото Велес“ под покровителство на Општина Велес и неколку спонзори.

Втората трка од државниот шампионат во ендуро за 2019  е закажана на ендуро патеката во Стенковец.ад/скс/