Connect with us

Фудбал

Два пати ја освои Лигата на шампионите и тоа на истиот стадион во Истанбул, иако не одигра ниту една минута, сте слушнале за овој играч?!

Манчестер Сити го совлада Интер со 1:0 во саботата во финалето од ЛШ и за прв пат во историјата се закитија со пехарот во најелитното клупско натпреварување. Сепак, еден меѓу нив по втор пат во својата кариера добива медал и слави во финалето и тоа на истиот стадион во Истанбул. Апсолутен победник е Скот Карсон. Тоа е третиот голман на Манчестер Сити. Иако не одигра ниту една минута оваа сезона во ЛШ, сепак тој се најде во протоколот на играчите кои добија медал.

Слично беше и во 2005-та година. Истиот стадион, Истанбул, финале Ливерпул-Милан. Тоа е оној антологиски меч во кој Милан водеше со 3:0 по првиот дел, потоа Ливерпул израмни, немаше голови по продолженијата, на крајот англискиот тим славеше со 3:2 на пенали. И тогаш Карсон освои медал. Разликата е во тоа што тогаш беше втор голман, резерва на Дудек, а сега е трет. Таа година, настапи на еден меч во ЛШ, против Јувентус во четвртфиналето, а оваа сезона не одигра ниту минута.

Инаку, Карсон го продолжи договорот со Сити на уште 12 месеци, кој ќе трае до летото 2024 година, но има само два настапи за клубот во текот на четири сезони – при што првиот дојде во победата од 4-3 во Премиер лигата над Њукасл во мај 2021 година и последното  17-минути  во март 2022 година за време на пресметката со Спортинг во осминафиналето во Лигата на шампионите во минатата сезона кога Сити водеше со 5:0.

Шефот на Сити, Пеп Гвардиола го донесе Карсон од Дерби Каунти во 2019 година и можеше да го освои својот трет медал во Лигата на шампионите доколку Сити го спобедеше Челзи во финалето во 2021 година, кога Карсон беше именуван за замена.