Други спортови
Еден од најдобрите возачи се заканува дека ќе ја напушти Формула 1
Формула 1 повторно стана многу популарна во последните години, особено во последната сезона кога Луис Хамилтон и Макс Верстапен се бореа за титулата до последното коло.
Оваа сезона ќе има 23 трки, а во наредните години тој број би можел дополнително да се зголеми, што на некои возачи воопшто не им се допаѓа.
Наскоро најбрзиот октански циркус треба да се види на африканскиот континент, поточно во Јужноафриканската Република, што го најави генералниот директор на Формула 1, Стефано Доменикали.
И додека водечките луѓе во Формула 1 бараат да го зголемат бројот на трки, а со тоа и поголеми приходи, возачите од друга страна би биле значително поисцрпени и би имале помалку слободно време.
“Има голема побарувачка. Од друга страна, премногу трки е неприфатливо. Барем за мене”, изјави Серхио Перез, еден од најдобрите возачи на гридот.
„Имаме сесии за симулација пред секоја трка и други настани со партнерите. Практично немаме слободно време за себе и семејството. Имам две мали деца и мислам дека ќе престанам да го правам ова доколку календарот дополнително се прошири“, вели возачот.
Во новата сезона веќе се возени четири трки, а следната е на програмата на 8 мај кога за прв пат ќе се вози по улиците на Мајами.