Фудбал
Емери: Ја пропуштив шансата да бидам најдобар на светот
Шпанецоот Унаи Емери смета дека ВАР би го направи најдобриот тренер на светот.
Емери дел од својата кариера ја помина на клупата на ПСЖ, во која беше претставен како тренер кој ќе ги одведе до титулата во Лигата на шампионите, но не успеа и на крајот доби отказ.
Денес, кога тој е без ангажман, Емери смета дека работите би поминале поинаку, доколку во тоа време имало ВАР, размислувајќи најмногу за натпреварите од осмото финале против Барселона и Реал во кои беше елиминиран францускиот клуб.
„Во Париз ја пропуштив можноста да станам најдобар тренер во светот. Ја освоив лигата, четири домашни купа и два супер купа”, изјави Емери за Франс Фудбал, а потоа продолжи:
„Изгледавме одлично против Барселона во првиот натпревар од осмото финале во Лигата на шампионите, а во вториот бевме елиминирани затоа што немаше ВАР. Очигледно, бевме елиминирани од одлуките на судиите. Следната година се судривме со Реал Мадрид, кој подоцна го оствари историскиот хет-трик. Сепак, можам да кажам дека во првиот меч бевме жртви на лошите судиски одлуки. Да заклучиме, првата година бевме елиминирани поради лошите одлуки на судиите, а другата од бранителот на титулата и новиот шампион“.
Епизодата на Емери во ПСЖ траеше од 2016 до 2018 година. Следниот ангажман го имаше во Арсенал.