Други спортови
Фетел не го напушти Ферари поради пари: „Ова беше двострана одлука“
Од следната сезона, Себастијан Фетел веќе нема да биде возач на Ферари, откако не успеаја да постигнат договор за продолжување на соработката.
Преговорите меѓу германскиот возач и Ферари траеја неколку месеци, но на крајот беше решено дека е најдобро сите да одат по свој пат. Фетел оваа сезона ќе вози за Ферари и ќе бара нов тим на крајот на годината.
Германецот пристигна во Ферари пред пет години од Ред Бул за да го врати италијанскиот клуб на врвот, но претходните сезони не минаа како што се очекуваше.
На крајот се огласи и Фетел кој рече дека тој и тимот сфатиле дека тие веќе немаат заедничка желба да останат заедно откако истекува неговиот договор на крајот на оваа година.
„Сфативме дека повеќе нема желба да останеме заедно по оваа сезона. Финансиите не играа никаква улога во оваа одлука што беше двострана. Јас ќе размислувам за мојата иднина кога ќе дојде време за тоа“, рече Фетел.
Медиумите во Германија пишуваат дека од Ферари му понудиле на Фетел уште една година договор, додека тој бараше договор од најмалку две сезони.