Connect with us

Фудбал

Франција прва со пласман во осминафиналето!

Вториот натпревар од второто коло во групата Д го одиграа Франција и Данска. Килијан Мбапе беше одличен на овој натпревар и постигна два гола за победа на Франција од 2:1. Тимот на Дидие Дешан, бранител на титулата, по две кола прв обезбеди пласман во осминафиналето.

Французите го избегнаа тоа што им се случи на Бразил и Шпанија – да не ја минат групната фаза како актуелни шампиони. Тие се всушност првите кои обезбедија пласман во нок-аут фазата на Светското првенство во Катар.

Првата сериозна закана Французите ја упатија во 13. минута. Варан имаше интересен удар со глава, но неговиот удар беше изблокиран.

Се играше 21. минута кога Французите имаа одлична можност. Рабио влезе со глава по центаршутот на Дембеле од десното крило, но Каспер Шмајхел одлично одбрани.

По првиот половина час, Данците немаа ниту еден сериозен обид, но Французите повторно се заканија. Овој пат Мбапе се проби по левата страна и испрати центаршут до Кунде кој се обиде да ја смести топката во далечниот агол, но Хејбјерг го изблокира неговиот обид.

Само две минути подоцна, Шмајхел повторно одлично спасува. По комбинацијата на Гризман и Жиру, Шмајхел го запре обидот на фудбалерот на Милан да стане најдобар стрелец во француската историја.

Во 36. минута го забележуваме првиот удар на Данците кон голот на Уго Лорис. Андреас Корнелијус истрча во контранапад и шутираше дијагонално од десната страна, но топката помина само покрај голот.

Французите имаа уште неколку убави шанси до крајот на првото полувреме, но мрежите останаа мирни.

Франција продолжи да се заканува и во вториот дел, па Мбапе се најде во добра прилика во 57. минута, но не толку добра како четири минути подоцна.

Акцијата на Французите одеше добро, Ернандез влечеше по левата страна, тој и Мбапе си разменија двојно додавање меѓу петте Данци и Мбапе ја испрати топката зад грбот на Шмајхел за водство на Франција.

Примениот гол ги разбуди Данците, па тие најпрвин двапати се уфрлија по десната страна, но и последниот удар беше непрецизен. Голот стигна во 68. минута. Јоаким Андерсен ја по корнерот ја зафати топката со глава и ја спушти до Андреас Кристенсен, кој ја испрати во мрежата за израмнување.

Само четири минути подоцна Линдстром имаше совршена можност да му донесе целосен пресврт на својот тим, но Лорис успеа да го одбрани овој силен удар од непосредна близина.

Во самиот финиш се заканија Французите, а потоа и преку Брејтвејт и Данците, но се реши Мбапе во 86. минута по одличната комбинација со Гризман. Коман му ја препушти топката на Гризман, кој брилијантно нафрли до Мбапе, кој меѓу тројца дански играчи најде начин да го матира Шмајхел.

Во третото коло, на 30 ноември, Франција ќе игра против Тунис, а Данска и Австралија ќе играат за пласман понатаму.