Фудбал
Го донесоа бесплатно, а сега ќе заработат многу пари од него
Мемфис Депај минатото лето пристигна во Барселона како големо засилување.
Депај по неколку сезони реши да го напушти Лион и кариерата да ја продолжи во дресот на каталонскиот клуб бидејќи не можеше да ја одбие поканата од Камп Ноу.
Холанѓанецот пристигна најмногу поради тогашниот тренер Роналд Куман, кој го убеди да дојде во Барса, иако беше јасно дека финансиската состојба во овој клуб не е најдобра.
Депај беше стандарден додека Куман го водеше тимот, но кога Чави Ернандез беше избран за нов тренер имаше несреќа да се повреди и беше надвор од теренот повеќе од два месеци.
Сега Депај се обидува да му се наметне на Чави, но шанса најмногу добива од клупата. Предност пред него имаат Феран Торес и Пјер-Емерик Обамејанг, кој дојде во клубот оваа зима и се покажа како големи засилувања.
Поради тоа шпанските медиуми се почесто пишуваат дека Депај ќе ја напушти Барселона по само една година.
Холандскиот напаѓач не е задоволен од својата минутажа и сака да замине во клуб каде што ќе ја има улогата на стартер, а очигледно е дека тоа нема да биде случај во Барселона.
Шпанскиот новинар Жерар Ромеро синоќа објави дека Барселона веќе добила една понуда за Депај од Англија. Станува збор за Тотенхем кој сака да го донесе Депај на лето и на Барса и понуди 25 милиони евра, што се одлични пари со оглед на тоа што го добија бесплатно.
Депај има договор со Барселона до летото 2023 година, а оваа сезона успеа да одигра 27 натпревари и да постигне десет гола.