Фудбал
Голеада и трето место за Италија (ВИДЕО)
Италијанските фудбалери ја совладаа Холандија во Еншеде со 3:2 и го освоија третото место во третото издание на Лигата на нации на УЕФА. Актуелниот европски првак покажа подобра игра од домашната селекција, откако двете селекции доживеаја неуспеси во полуфиналето против Шпанија и Хрватска.
Селекторот Роберто Манчини денеска ги „измеша картите“, а неговите избраници материјализираа многу подобра игра во првото полувреме. Поведоа во шестата минута по одлична тимска акција, која во гол ја претвори левиот бек на Интер Ди Марко. Предноста ја удвои Фратези во 20. минута. Во вториот дел Холандија тргна на се или ништо, Италија се бранеше, а конечно капитулираа во 68. минута, кога Бергвајн го матираше Џиџи Донарума за 1:2. .
Холандија потоа нападна уште пожестоко и остави многу простор на својата половина. Италијанците го казнија тоа во 73. минута. Фратези со одлично додавање го вработи Киеза во идеална позиција, а крилниот напаѓач на Јувентус помина покрај лошо поставениот Ван Дијк и го погоди посакуваното место со добро одмерен шут, за 1:3.
Избраниците на Роналд Куман продолжија да напаѓаат, голот на Вегхорст беше поништен поради офсајд во 82. минута по интервенција од ВАР просторијата, а замената Вајналдум ја врати неизвесноста и намали на 2:3 во 90. минута. Судиското надополнување траеше дури 11 минути, „портокаловите“ го опседнаа голот на Донарума, но „азурите“ ја имаа најдобрата шанса, бидејќи Пелегрини промаши чист удар во 94. минута.
Финалниот натпревар се игра вечерва во Ротердам од 20:45 часот, а се среќаваат Хрватска и Шпанија.