Фудбал
Гонзало Игуаин се враќа во Торино
Клубовите во Италија започнаа со тренинзи во нивните центри за обука минатата недела по пауза од два месеци.
Сите играчи и членови на првиот тим беа тестирани за коронавирус, а позитивните требаше да бидат ставени во карантин од две недели. Од 18 мај, клубовите во Серија А ќе можат да тренираат во групи, а на 13 јуни се очекува сезоната да продолжи.
Јувентус беше меѓу првите клубови кои започнаа со тренинзи, а за среќа никој не беше заразен во тимот на „Старата дама“. Единствените играчи кои се уште не се вратиле во Торино се Гонзало Игуаин и Адриен Рабиот, а кога ќе дојдат во Италија ќе треба да бидат во карантин од две недели.
Игуаин отпатува за Аргентина пред повеќе од еден месец, и одби да се врати во Торино пред неколку недели. Клубот му даде дозвола да остане уште некое време во Буенос Аирес, но се чини дека дојде време да се врати.
Медиумите во Италија пишуваат дека Игуаин вечерва ќе пристигне во Торино и дека веднаш ќе биде тестиран. Но, во секој случај, Аргентинецот ќе мора да биде во карантиран 14 дена, а потоа ќе има дозвола да се приклучи на тимот.