Фудбал
Халанд го напушта Дортмунд веќе на крајот на сезоната, се сели во Англија?
Младиот норвешки напаѓач Ерлинг Халанд ја воодушеви спортската јавност со своите настапи оваа сезона.
Халанд обезбеди фантастични игри во првиот дел од сезоната во дресот на Салцбург и го продолжи истото во Борусија Дортмунд, за што потпиша во почетокот на 2020 година.
Норвежанецот потпиша соработка со Дортмунд до летото 2024 година, но постигна договор со клубот дека може да замине доколку добие понуда што ќе биде примамлива, а откупната клаузула за него е 75 милиони евра.
Јасно е дека ќе има голем интерес за овој 19-годишен напаѓач доколку продолжи да обезбеди вакви игри, а како што пренесува „Мирор“, тој веќе е на радарот на Манчестер Сити.
На „Етихад“ се свесни дека наскоро ќе треба да најдат замена за Серхио Агуеро и наводно Халанд ќе биде првиот избор. Но, дали Сити ќе се обиде да го донесе Норвежанецот веќе на крајот на оваа сезона останува да се види.
Халанд досега има одиграно 27 натпревари за Салцбург и Дортмунд оваа сезона, постигнувајќи дури 36 голови на сите натпреварувања во кои има играно.