Фудбал
Ибра најави враќање на теренот: „Се уште сум Бог и број 1“
Фудбалерите на Милан утре играат против Торино во 22. коло од Серија А, а во тимот на шампионот на Италија кој минува низ голема криза би требало да биде Златан Ибрахимовиќ.
Ибрахимовиќ е надвор од терените осум месеци, последниот меч го одигра во мај минатата година, но истакнува дека е подготвен да му помогне на тимот кој во 2023 година забележа само една победа на осум меча во сите конкуренции и е во серија од четири порази.
„ Добар сум, многу добар. Се вратив во тимот и се чувствувам слободен на теренот и надвор од него. Бев трпелив затоа што морав да се вратам на врвот, а опоравувањето оди според планот “, истакнува Ибрахимовиќ во интервју за „Медиасет“.
Враќањето го најави во свој стил
„Сè уште сум Бог, број еден. Се враќам и музиката се менува. Имам голема желба, би сакал да направам толку многу работи, да надоместам за сè што изгубив во претходните осум месеци, а јас изгубив време“, додава Ибрахимовиќ.
Не е загрижен што Милан е во криза.
„Тим во криза? Не сум загрижен. Ова се нормални моменти во текот на сезоната. Сега треба малку да разговараме и да ја докажеме нашата вредност на теренот“.
Беше и мета на критики, но тоа не го загрижува многу.
„ Тоа е нормално, бидејќи ако не те критикуваат, тоа значи дека не си на врвот. Ме критикуваат 25 години затоа што сум број еден и навикнат сум на тоа. Тоа е како да тураат бензин на оган, а кој си игра со оган, гори. Дали се уште се чувствувам како Бог? Без сомнение, ништо не се променило“, изјави Ибрахимовиќ.