Фудбал
Ибрахимовиќ во свој стил се спореди со фиктивен филмски лик
Златан Ибрахимовиќ им пркоси на годините и вчера постигна два гола за Милан во победата од 4-1 на гостувањето кај Сампдорија во претпоследното коло во Серија А.
Швеѓанецот зимава се врати во Милано по цели осум сезони и со полни 38 години веќе постигна десет гола во калчото. По дуелот со Сампдорија, голгетерот имаше интересна изјава споредувајќи се со филмскиот лик Бенџамин Батон, кој се раѓа стар, а како одминува времето се подмладува.
„Јас сум како Бенџамин Батон. Единствената разлика е тоа што јас секогаш бев млад, а никогаш стар. Луѓето велат дека сум стар, но всушност јас само што се загревам за вистинските работи“, изјави Ибрахимовиќ за Милан ТВ.
Тој е во преговори со клубот да го продолжи договорот и за следната сезона, а Ибрахимовиќ имаше само пофални зборови за тренерот Стефано Пиоли кој веќе доби продолжување на соработката во следните две години.
„За Пиоли можам да кажам само позитивни работи, навистина сум среќен за него, направи фантастична работа. Работеше напорно иако неговата судбина беше неизвесна, па затоа си го заслужи договорот. Кога работиш така напорно, мора да ти се врати. Овој тим верува и го почитува тренерот. Само сега останува да видиме кој тим ќе остане крај него“, порача Швеѓанецот.