Други спортови
Игор Стефановски – Иџе: Добив нула денари од буџетот!
Игор Стефановски ја обвини Агенцијата за млади и спорт за неспортски потези, бидејќи не добил ниту денар од редовните средства од буџетот.
На социјалната мрежа Facebook тој го изрази своето незадоволство од односот на АМС кон него.
„Македонското сонце секогаш ќе го осветлува покривот на мојот болид, но со ваквите неспортски потези Агенцијата за млади и спорт (АМС) не заслужува спортска промоција во иднина од моја страна.
Наместо Агенцијата за млади и спорт да биде најголемиот сојузник на врвните спортисти, таа стана најголемата пречка за постигнување на врвни спортски резултати. Срамно е за институцијата која ме има прогласено за најдобар спортист на Македонија за 2014 година, која ми го има доделено највисокото Национално спортско признание и тоа како резултат на моите спортски успеси, оваа година и оваа натпреварувачка сезона, едноставно да ме заборави.
Во услови кога ја имам најголемата поддршка од мојот народ, отсуствува институционалната поддршка. Несвојствено е како најтрофејниот македонски автомобилист од вкупно ????милиони денари кои се доделени на Автомобилистичка федерација за 2019 година да добие 0 (нула) денари од редовните буџетски средства и од средствата од Игрите на среќа!!!
Секојдневно добивам безброј пораки од моите македонски фанови со прашањето: Зошто не се натпреварував во европскиот шампионат и дали ќе може да ме гледаат и наредната сезона на најпознатите европски трки каде пред две години бев претендент за титула?
Едноставно е срамно да се каже дека единствената причина за мојата натпреварувачка пауза е тоа што сум заборавен од единствената институција во Македонија која е задолжена за развојот на спортот и поддршка на македонските спортисти“, порача Стефановски.
Иџе најави и прес конференција на кој ќе открие повеќе детали за односот на АМС кон него и неговиот тим.