Кошарка
ИН МЕМОРИАМ: Ненадејно почина легендата на МЗТ Скопје
Вчера на 60-годишна возраст почина Војислав Зивчевиќ-Тумба, поранешен кошаркар на МЗТ Скопје. Од клубот ја соопштија тажната вест.
Со огромна тага и неверување, претпладнево ја примивме веста за ненадејната смрт на нашата поранешна голема играчка легенда, Војислав Зивчевиќ (60 години), кој беше еден од носителите на играта во периодот кога нашиот тим се бореше за влез и настапуваше во Првата лига на СФРЈ, која беше меѓу трите најдобри во Европа.
Со своите игри и пред сѐ борбеност, популарниот Тумба се избори и за место во тогашниот „Б“ тим на репрезентацијата на поранешната заедничка држава. Тој ќе остане запаметен како вреден, упорен и борбен играч, кој им пркосеше на сите противници, па дури и најголемите ѕвезди во тогашна Југославија. Секогаш ведар, насмеан и расположен за кошаркарски муабети, последните години од животот ги мина посветен на својот внук Тео, во кого гледаше уште еден наследник во кошаркарската лоза Зивчевиќ, покрај својот син Ненад, кој исто така во минатото играше за МЗТ Скопје Аеродром и на ќерката Ивана.
Почивај во мир Тумба, никогаш нема да бидеш заборавен.