Други спортови
Интервју со најдобрата македонска хокеарка – МОНИКА ПИЖЕВСКА: Девојки, ајде да им покажеме на мажите дека знаеме да играме хокеј
Не мислете дека ова е само машки спорт и слободно дојдете да видите дека станува збор за нешто многу интересно, нешто сосема поразлично од тоа што може да се види на телевизиските екрани. Независно дали првпат застанувате на лизгалки, или, пак, веќе сте го направиле првиот чекор, обидете се повторно, верувајте во себе, бидејќи само така ќе успеете, вели Пижевска
![]()
Хокејот во нашата држава добива на интензитет, пред се, поради историскиот успех на македонската репрезентација која пред само еден месец го освои првото место на „Девелопмент турнирот“ во Фисен, Германија.
Меѓутоа, голем хендикеп во нашата држава, кога е во прашање овој спорт, е тоа што немаме соодветна арена каде што младите би можеле непречено да тренираат и воедно да бележат резултати со кои ќе ја кренат јавноста на нозе. Имено, покрај игралиштето за хокеј при СЦ „Борис Трајковски“ друго и немаме, па најголема болка е тоа што Македонија нема репрезентација во женска конкуренција, а нема ниту, пак, младина која активно би можела да се занимава со овој се попопуларен спорт.
За сите предизвици, кој ги нуди хокејот, во интервју за дневниот весник „Вечер“, ќе ви открие најдобрата македонска хокеарка, Моника Пижевска. Таа исто така ќе истакне што се е потребно овој спорт да се подигне на едно повисоко ниво. Инаку, младата 20-годишна хокеарка може да се пофали и со освоеното петто место во уметничко лизгање на меѓународниот турнир во Нови Сад во 2014.
Какви беа твоите почетоци кога е во прашање хокејот и зошто се одлучи за него?
Имено, прво почнав со уметничко лизгање со кое се занимавав околу три години. Многу го засакав овој спорт. Впрочем, лизгањето ми беше интересен и возбудлив спорт. Меѓутоа, афинитетите кон уметничкото лизгање набргу спласнаа бидејќи немавме школа, исто како и при почетокот во хокејот. Лизгавме на теренот на „Кале“ и морам да напомнам дека континуитетот не беше онака како што посакував, бидејќи една година теренот беше во употреба, другата не, па поради тоа морав да тренирам и надвор од Македонија. Во принцип, годините поминати во уметничкото лизгање повеќе ми беа како рекреација, а не професионално. Потоа решив да се занимавам со хокеј и почетокот ми беше лесен бидејќи веќе ги имав усовршено техниките во лизгањето кои се бараат двата спорта. Искрено, на почетокот бев скептична дека ќе успеам. Имаше импровизиран терен при СЦ „Борис Трајковски“, како и неколку врвни тренери од Русија. По две години се изгради арената на мраз и тогаш почнавме посериозно да тренираме. Уште од првиот тренинг се вљубив во овој спорт, а потоа и лесно се приспособив на вештините кои ги носи со себе, бидејќи многу работи ми беа веќе познати.
Покрај арена, што се е потребно хокејот да се подигне на едно повисоко ниво во иднина?
Во неколку наврати беа донесени врвни тренери од Русија, Белорусија, Канада, земји кои се светски сили кога во прашање е хокејот и кои можат да придонесат за развојот во овој спорт. Меѓутоа, овие тренери за кус период беа разочарани од самите услови во кои ние тренираме. Исто така не се потребни само тренинзи на мраз, бидејќи мора да се извршуваат и подготовки во теретана, кои исто така се значајни за просперитетот во овој спорт. Дефинитивно, прво нешто што мора да се направи доколку сакаме успеси е изградба на современа арена, каде што ќе можеме непречено да тренираме, а потоа верувајте, резултатите ќе си дојдат сами по себе. Сметам дека сме талентирана нација која може да бележи добри резултати.
Со оглед на тоа што се уште немаме формирано хокеј репрезентација во женска конкуренција, која е твојата улога во спортот?
Годинава не правам многу тренинзи, бидејќи фокусот е ставен, пред се на машката репрезентација, која покажува просперитет за во иднина. Јас, веќе како искусна хокеарка, се фокусирам на младите и одржувам тренинзи со нив, така што годинава повеќе сум во улога на тренер. Летово од Светската лизгачка федерација се одржи самит во Финска за обука на тренери, а јас бев поканета на истиот, да учествувам во тој процес, каде што ги поминав основните работи за извршување на улогата – тренер. Се здобив со големо искуство за тоа како треба да изгледа еден современ тренинг, особено за државите кои се обидуваат да го развијат овој спорт.
![]()
Евидентно, како и во секој спорт, храната има големо влијание во развојот на спортистите. Какво е твоето мислење околу ова прашање?
Исхраната е многу важна. Спортистите треба да консумираат повеќе белковини и храна богата со витамини, пред се за мускулна маса. И покрај тоа што хокејот бара некоја одредена форма и тежина на самиот играч, сепак, бидејќи се работи за тимски спорт, има разлика во тежината кај играчите. Интересно е тоа што во овој спорт секој играч има своја улога, па така, полесните хокеари имаат предност со брзината, додека речиси секогаш голманите важат за покрупни играчи, кои имаат многу важна улога. Голманот во овој спорт е исто како и во ракометот, тој е речиси „половина“ тим.
![]()
Што ќе им порачаш на младите, пред се на девојките, кои сакаат да се занимаваат со овој спорт?
На девојките кои сакаат да се занимаваат со хокеј, да не се грижат, не се работи за груб спорт, иако од надвор личи дека е. Нека не мислат дека ова е само за машки и слободно нека дојдат за да видат дека станува збор за нешто многу интересно, нешто сосема поразлично од тоа што може да се види на телевизиските екрани. Многу девојки имаат предрасуди кон хокејот. Досега сум сретнала многу дами од кои добив одговор: „Не, не тоа е машки спорт. Што би правеле ние во него?“. Не треба да се плашат од ризикот дека ќе паднат, ниту пак од предрасудите кои сигурно сте ги имале во животот, бидејќи јас кога почнав немаше никакви предрасуди кон мене и сите бевме еднакви на теренот. Независно дали првпат застанувате на лизгалки, или пак веќе сте го направиле првиот чекор, обидете се повторно, верувате во себе, бидејќи само така ќе успеете.
Ќе можеш ли да одвоиш една интересна ситуација што си ја имала за време на тренинг или натпревар?
Пред неколку години група на канадски хокеари и хокеарки дојдоа во Македонија да одиграат неколку натпревари со играчи од нашите клубови. Во таа наша постава единствено девојче бев јас. Беше возбудливо, беше интересно што се натпреварував со веќе искусни хокеари од кои можев многу да научам. Очите на гледачите, па и на играчите беа вперени кон мене. Малку ми стана чудно бидејќи многупати до сега се соочив со предрасудите на луѓето. Но, и покрај се јас бев исполнета.
![]()
Што ќе им порачаш на читателите на “Вечер“ во врска со новогодишните празници?
Прво, им ги честитам празниците, да го читаат „Вечер“, а потоа им препорачувам на сите да дојдат на тренинзите, да пробаат да лизгаат, и ќе видат како сето тоа изгледа, дека не се работи за ризичен спорт. Воедно ќе ви бидат обезбедени лизгалки, опрема и се што е потребно за добар тренинг. Верувам дека ќе ви биде интересно и брзо ќе се вљубите во хокејот.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ