Италија „грми“, на Јувентус против Милан му е „подарен“ пенал?!

Тренерот на Милан, Стефано Пиоли се спротивстави на одлуката на судијата Паоло Валери да досуди пенал за Јувентус во првиот натпревар меѓу двете екипи во полуфиналето за Купот на Италија, кој заврши 1:1.

„Црно-белите“ стигнаа до изедначување на „Сан Сиро“ со гол на Кристијано Роналдо од белата точка во 90-тата минута. Пеналот беше досуден за игра со раката на Давид Калабрија.

Тврдењата на „росонерите“ се дека дефанзивецот бил свртен со грбот кон голот.

– Им кажав на играчите дека го напуштам теренот без жалење. Мислам дека не треба да жалат ниту тие. Горд сум на нивниот настап, како и на навивачите на Милан. Сакавме да победиме и бевме во добра позиција да го постигнеме тоа, но ова е само првиот натпревар и ќе се обидеме да настапиме уште подобро во реваншот, рече Пиоли.

Тој потоа го коментираше пеналот за Јуве во 90-тата минута.

– Бев лут, прво, затоа што имаше фаул против Ибрахимовиќ на почетокот на нападот. Покрај тоа, Калабрија не можеше да ја види топката. Се сеќавам пред некое време тие покажаа слична ситуација од натпреварот помеѓу Каљари и Бреша на почетокот на сезоната и рекоа дека тогаш не биле во право и не требало да има пенал, бидејќи играчот не можел да ја види топката. Сега не ја гледам разликата. Калабрија не можеше да ја види топката исто како Алберто Чери. Посакувам да имаме појасни правила за тоа кога треба да биде досуден пенал. Сепак, јас сум горд на мојот тим и сè друго не е важно, додаде Пиоли.