Connect with us

Фудбал

Италијанците сакаат да ги тестираат сите играчи пред да продолжат со Серија А

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) се надева дека ќе биде можно да се тестираат сите играчи за коронавирусот на почетокот на мај – ова би било чекор во подготовките за продолжената сезона.

Серија А беше прекината на 9 март поради глобалната пандемија на новиот коронавирус и сè уште нема специфичен датум за кога би можело да продолжи натпреварувањето. Само е јасно дека ФИГЦ работи напорно за да најде решение за да ја продолжи Серија А и да ги има одиграно преостанатите 12 кола во сезоната.

„Штом се исполнат вистинските услови, ќе ја завршиме превенцијата … Наскоро ќе се одржи состанок. Ќе усвоиме процедура, која потоа ќе ја објавиме пред јавноста“, изјави првиот човек на ФИГЦ Габриеле Гравина за „Sky Sports“ и продолжи:

„Во мај ќе започнеме, барем се надевам, со тестови за да се осигураме дека сите играчи се негативни и можат да продолжат да тренираат … Дали ќе играме во текот на летото? Засега немаме конкретни рокови, но идејата е да се стави крај на првенството“.

Италија беше една од земјите најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот, но сега се чини дека ситуацијата полека се стабилизира.

За време на суспензијата, Јувентус беше лидер во Серија А, со бод предност пред Лацио и девет бода во однос на Интер.