Фудбал
Каков меч одиграа Наполи и Милан, едно полувреме за Елиф Елмас (ВИДЕО)
Наполи и Милан одиграа фантастичен меч на кој беа видени четири голови. Двете екипи можат да жалат за пропуштената шанса за победа, особено гостите од Милано кои имаа предност од 0:2 на полувреме. Но, и Наполи кој со играч помалку во судиското продолжение не успеа да погоди преку Кварацхелија.
Но, на крајот остана 2:2, по еден бод, фантастични голови, и фантастичен меч. Оливие Жиру во 22-ра и 31-ва минута постигна два гола и му донесе голема предност на Милан во првиот дел во кој играше само една екипа, а тоа се гостите кои имаа уште неколку добри шанси.
Во вториот дел целосно состојбата се смени. На теренот како да излезе некој нов Наполи, кој се разигра. Прво преку Политано во 50-та намали на 2:1, а во 62-та Распадори постигна фантатичен гол за 2:2 од слободен удар. До крајот на мечот се играше брз фудбал, со доста акции, шанси, но на крајот остана 2:2. Наполи мечот го заврши со играч помалку откако Натан заработи исклучување, а македонскиот интернационалец Елиф Елмас беше стартер и го одигра само првото полувреме.